Франција го подигна нивото на предупредување за опасност од појава на птичји грип, откако беше откриен опасен вид на овој вирус во живина на фарма на североисток од земјата, по откриени случаи во соседна Белгија и Луксембург, објави Министерството за земјоделство денес.
Високо заразен вид на птичји грип H5N8 беше откриен оваа недела меѓу патки, кокошки, мисирки и гулаби во едно домаќинство во регионот Ардени, и сите живини беа заклани како мерка на претпазливост, се вели во соопштението на француското министерство, пренесува Ројтерс.
– Здравствената состојба во врска со високо патогениот птичји грип е загрижувачка. Од 1 август, во Европа се откриени 25 случаи на диви птици и оние што се одгледуваат дома – додаде министерството.
Два случаи на вирусот Х5Н8 беа пријавени минатата недела во Белгија – еден кај продавач на птици и еден во приватен дом – а другиот во домаќинство во Луксембург поврзано со трговец во Белгија, се вели во соопштението.
Неодамнешните случаи на птичји грип Х5Н8 ја натераа Франција да ја зголеми проценката на ризик на „умерена“ од „занемарлива“, што значи дека живината во некои региони во земјата ќе мора да се чува во затворени простории, рече министерството.