Следниот самит на НАТО ќе се одржи во Мадрид на 29 и 30 јуни 2022 година, соопшти шпанскиот претседател Педро Санчез на заедничката прес-конференција со генералниот секретар на воената алијанса Јенс Столтенберг.
Шпанскиот премиер изрази надеж дека самитот ќе „обезбеди и ќе го зајакне единството и сплотеноста во рамките на НАТО“ и ќе и помогне на Алијансата да формулира „ажурирана стратегија за безбедносните предизвици со кои се соочуваме“.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг вчера соопшти дека лидерите на НАТО ќе одобрат нов стратешки концепт за Алијансата на Самитот во Мадрид во 2022 година.
– Разговаравме за нов стратешки концепт на НАТО, кој ќе биде усвоен на следниот самит на НАТО во Мадрид во 2022 година и ќе стане план за понатамошна адаптација на Алијансата кон новите услови. Ќе ги потврди вредностите, целите и задачите на Алијанса, рече генералниот секретар.
Столтенберг нагласи дека стратешкиот концепт ќе ја нагласи важноста од зголемување на трошоците за одбрана и дополнителни инвестиции во набавка на ново оружје потребно за целокупната безбедност на НАТО. Зголемувањето на трошоците за одбрана ќе вклучи дополнителни средства за воените и цивилните буџети на Алијансата и дополнителни трошоци за инфраструктура.
Столтенберг, исто така, нагласи дека на состанокот се разговарало за соработката меѓу ЕУ и НАТО и подготовка на третата заедничка декларација НАТО-ЕУ, која ќе биде потпишана во декември на состанокот на министрите за надворешни работи на Алијансата.
Сегашниот стратешки концепт на НАТО „Активно учество, модерна одбрана“ беше подготвен во 2010 година. (МИА)