Минатиот викенд шпанската престолнина беше погодена од силно невреме какво што не е видено неколку децении.
Секој час поради скршеница или нагмечување на коските во болниците завршуваат 50 лица, соопштија денеска од мадридската здравствена служба, откако снежната бура „Филомена“ зад себе остави замрзнати улици.
Во последните 36 часа на одделенијата за итна помош во мадридските болници биле примени 2 илјади пациенти. Околу 40% од сите итни случаи примени во болниците се поради последици настанати од снежната бура „Филомена“.
Снегот кој минатата седмица, во петокот и саботата паѓаше 33 часа без престан во Мадрид, после смирувањето на времето се претвори во мраз, а чистењето на градските улици и тротоари се одвива бавно поради недоволниот број на механизација.
Службата за помош и итна интервенција ги повика 6,6-те милиони жители на Мадрид и околината, да не излегуваат на улиците доколку тоа не е неопходно.
Минатиот викенд градот беше погоден од снежна бура која донесе количина на снег каква што не ја паметат ниту постарите граѓани. Зимите во Мадрид обично се суви и сончеви.
Извор: ТОЧКА