САД и нивните сојузници за време на вонредната седница на Советот за безбедност на ОН, го осудија признавањето на областите под контрола на бунтовниците во Украина од страна на Владимир Путин и распоредувањето војници, оценувајќи како грубо кршење на меѓународното право и „изговор за војна”.
Во своето обраќање на седницата, американската амбасадорка Линда Томас-Гринфилд го одби тврдењето на Путин дека руските трупи ќе преземат мировна улога во областите Доњецк и Луганск.
– Тој ги нарекува мировници. Ова нема никаква смисла. Знаеме што се тие навистина, истакна Томас-Гринфилд.
Амбасадорот на Украина во ОН, Сергиј Кислицја инсистираше на тоа дека границите на неговата земја остануваат „непроменливи” и покрај дејствијата на Русија.
– Москва се уште е „отворена за дипломатско решение”, изјави рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензја.
– Сепак, да дозволиме ново крвопролевање во Донбас е нешто што немаме намера да го направиме, додаде тој, мислејќи на регионот што ги опфаќа Доњецк и Луганск.