четврток, 16. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Советот на Европа ги осудува кршењата на човековите права во војната во Украина

Советот на Европа ги осудува кршењата на човековите права во војната во Украина

 Комесарката за човекови права на Советот на Европа Дуња Мијатовиќ, чија четиридневна посета на Украина, не беше најавена од безбедносни причини, ги повика државите да продолжат да ги поддржуваат напорите на истрагата и обвинителството, јави дописникот на МИА.

-Запрепастувачки се степенот и тежината на кршењето на човековите права и меѓународното хуманитарно право што се случија по агресијата на Руската Федерација против Украина, рече комесарката Мијатовиќ, на крајот од четиридневна посета на Киев и неговиот регион.

Таа ги повика државите да продолжат да ги поддржуваат истражните и обвинителските напори „за да ги координираат тесно со украинските власти, граѓанското општество и Меѓународниот кривичен суд“.

-Имињата на Буча, Бородинка, Ирпин или Андриивка ги симболизираат ужасните дела што се извршени овде, продолжи таа.

-За жал, нивните жители не се сами во нивните страдања. Има многу повеќе луѓе низ Украина кои претрпеле нераскажани злосторства. Секој од нив заслужува правда и не смее да биде заборавен, додаде таа.

Комесарката посети неколку локалитети надвор од Киев, што „ претрпеа артилериски оган, тешки борби и бруталност од страна на руските сили“.

Мијатовиќ укажа и на „намерното таргетирање од страна на руските сили на цивили и новинари“, како и „сè повеќе пријавени случаи на сексуално насилство од страна на руски војници“, „изјави за бројни исчезнати лица“ или дури „нанесена тортура и малтретирање“. особено „на локалните украински функционери“.

-Дури и во време на војна, човечкиот живот и човековите права мора да бидат заштитени… Цивилите и цивилната инфраструктура не смеат да бидат цел. Заробените војници и оние што се предаваат, ранетите и болните, мора да бидат третирани праведно и хумано, инсистираше Мијатовиќ.

За време на нејзината посета, комесарот се сретна со неколку украински функционери и политичари, како и бранители на човекови права и членови на невладини организации, се наведува во соопштението.