Советот на Европа во заедничка изјава денеска ја осуди руската агресија врз Украина, а реакцијата на раководството е објавена на официјалната веб-страница на Советот на Европа.
„Најостро ја осудуваме неиспровоцираната агресија на Руската Федерација против Украина, неоправдан воен напад на една земја-членка на Советот на Европа против друга земја-членка. Ја повторуваме нашата непоколеблива поддршка на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници“, се наведува во заедничката изјава на шефот на италијанската дипломатија и меѓународна соработка и претседавач со Комитетот на министри на Советот на Европа, Луиџи Ди Мајо, претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Тони Кокс и Генералната секретарка на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ.
Првите луѓе на Советот на Европа ја повикаа Русија да ги спроведе привремените мерки наведени од Европскиот суд за човекови права на 1 и 4 март 2022 година.
„Правото на живот мора да се почитува и гарантира. Во тој поглед ја повикуваме Русија да се воздржи од воени напади врз цивили и цивилни објекти, да обезбеди безбедност на медицинските установи, персоналот и возилата за итни случаи, да обезбеди непречен пристап на цивилното население до безбедни патишта за евакуација, здравствена заштита, храна и други основни материјали, како и да се обезбеди брз и неограничен премин на хуманитарната помош и движење на хуманитарните работници“, се додава во соопштението на тројката лидери на Советот на Европа.
„Уште еднаш ја повикуваме Руската Федерација да ја прекине агресијата, да се врати на патот на дипломатијата и целосно да се посвети на европските вредности. Ќе продолжиме внимателно да ја следиме ситуацијата и да останеме посветени на преземање понатамошни мерки“, порачаа лидерите на Советот на Европа. (МИА)