среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Столтенберг ја исклучи можноста за сопирање на понатамошното ширење на НАТО

Столтенберг ја исклучи можноста за сопирање на понатамошното ширење на НАТО

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ја исклучи денес можноста за сопирање на понатамошното ширење на Алијансата, со што го отфрли клучниот дел од барањето на Русија за ублажување на тензиите околу Украина.

„Нема да правиме компромиси со основните принципи, вклучувајќи го правото на секоја држава да одлучува за својот пат и безбедносните аранжмани во кои сака да учествува“, кажа Столтенберг во Брисел.

По вонредната средба на шефовите на дипломатиите на државите членки на НАТО, Столтенберг кажа дека Русија не се откажува од трупањето војска во близина на Украина што ги поттикна стравовите на Киев и Западот од можна руска инвазија во Украина.

„Гледаме оклопни единици, гледаме артилерија, гледаме војници спремни за борба, гледаме опрема за електронско војување и гледаме многу различни воени капацитети“, наведе Столтенберг.

Додаде дека трупањето на руската војска во близина на Украина, во комбинација со безбедносните барања на Русија и искуството од нејзиниот воен ангажман во Украина и Русија „испраќа порака дека постои реален ризик од нов оружен судир во Европа“.

Министрите за надворешни работи на државите членки на НАТО разговараа денес преку видео-врска за украинската криза и понудата на Москва за нејзино завршување, во рамки на подготовките за претстојниот Совет НАТО-Русија.

Советот НАТО-Русија беше формиран пред две децении, а средбата во среда ќе биде првата од јули 2019 година. Функционерите на НАТО тврдат дека Русија одбивала да учествува на состаноците додека прашањето на Украина било на дневниот ред.