Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска во Букурешт изјави дека руската агресија врз Украина доведе до зголемена поддршка на Алијансата за Босна и Херцеговина, Грузија и Молдавија.
На почетокот на третата, последна седница на Северноатлантскиот совет (НАЦ) на дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на членките на НАТО, Столтенберг рече дека трите земји партнери со години ја имаат поддршката од Алијансата, но дека соработката се подобри од почетокот на руската инвазија врз Украина на 24 февруари.
Столтенберг рече дека поддршката на НАТО за овие земји се рефлектира во помошта за градење на нивните одбранбени капацитети, во спроведувањето на реформите и зајакнувањето на отпорноста на институциите.
На министрите за надворешни работи на членките на НАТО, Шведска и Финска, кои учествуваа и на првите две сесии на Северноатлантскиот совет, на третата им се придружија и министрите за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Грузија и Молдавија. Столтенберг претходно најави дека на состанокот ќе се разговара за зајакнување на помошта за Босна и Херцеговина, Грузија и Молдавија, „земји партнери кои се соочуваат со руски притисок на различни начини“. (МИА)