четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Столтенберг: Односите меѓу НАТО и Русија се на најниско ниво од Студената војна

Столтенберг: Односите меѓу НАТО и Русија се на најниско ниво од Студената војна

Односите меѓу НАТО и Русија се на ниско ниво, ситуацијата е најтешка од крајот на Студената војна, но треба да се остави простор за разговори, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

-Мораме да разбереме дека односите меѓу Русија и НАТО се на ниско ниво. Не е било потешко од крајот на Студената војна, рече Столтенберг пред состанокот на министрите за одбрана на НАТО.

Столтенберг додаде дека и покрај тешкотиите, важно е да се задржат каналите за комуникација со Русија.

-Цврсто веруваме дека кога работите се тешки, кога се соочуваме со предизвици во нашите односи како што сме сега, уште поважно е да разговараме и НАТО ќе продолжи да води конструктивен или значаен дијалог со Русија, рече Столтенберг.

Русија во понеделникот објави дека ги суспендира активностите на својата дипломатска мисија во НАТО по протерувањето на осум руски службеници, кои Алијансата ги окарактеризира како „непријавени руски разузнавачи“ и дека ќе ја затвори мисијата на западниот воен сојуз во Москва.

Министрите за одбрана на НАТО се собраа денеска на дводневен состанок во Брисел, прва  средба со физичко присуство од февруари 2020 година. Во претходниот период, состаноците се одржуваа од далечина поради пандемијата на коронавирус.

Министрите ќе разговараат за идните сојузнички напори во борбата против тероризмот по повлекувањето од Авганистан и зајакнувањето на сојузничката одвраќања и одбрана. (МИА)