Генералниот секретар на НАТО се обрати пред новинарите по денешната средба на Северноатлантскиот совет во Брисел и порача дека Русија должи убедливи одговори околу обидот за убиство врз опозиционерот Алексеј Навални, јави дописничката на МИА од Брисел.
Амбасадорите на 30-те земји членки на Алијансата денеска одржаа состанок посветен главно на труењето на Навални. Германскиот амбасадор ги брифирал своите колеги за наодите на германските лекари под чија нега се наоѓа Навални откако беше отруен во авион.
-Имаме докази без сомнеж дека Навални бил отриен со воен нервен агенс од групата Новичок, рече Столтенберг пред медиумите попладнево. Употребата на ова оружје е ужасна. Секоја употреба на хемиско оружје покажува тотално непочитување кон човечкиот живот и е неприфатливо прекршување на меѓународните норми и правила, додаде шефот на Алијансата.
НАТО сега очекува целосна соработка од руските власти во непристрасна и меѓународна истрага за овој случај и бара од Русија целосно да ја обелодени својата програма за Новичок пред меѓународната организација за спречување на употреба хемиско оружје.
-Повторно и повторно гледаме опозициски лидери на рускиот режим нападнати, нивните живот загрозени. Некои од нив се убиени. Ова не е напад врз една индивидуа туку врз основните демократски права и ова е сериозно прекршување на меѓународното права и бара меѓународен одговор, додаде Столтенберг. (МИА)