Светската банка одобри помош од една милијарда долари за Индонезија, за обнова на земјата по неколкуте земјотреси кои предизвикаа многу жртви.
– Светската банка обезбедува до една милијарда долари на индонезиските власти веднаш штом ќе одлучат што им е неопходно, изјави Кристалина Георгиева, главен извршен директор на Светска банка во Вашингтон, за време на посетата на индонезискиот остров Бали, каде што заврши годишниот состанок на Банката и Меѓународниот монетарен фонд.
Георгиева посочи дека средствата ќе бидат обезбедени во форма на заеми кои би можеле да се искористат за финансирање проекти за реконструкција или за подготовка на земјата за тоа како да реагира при идни катастрофи.
Пред две недели земјотрес со јачина од 7,5 степени, проследен со цунами, го опустоши градот Палу и околниот остров Сулавеси. Загинаа повеќе од 2.000 лица, а илјадници се уште се водат за исчезнати.
Во август при земјотрес на островот Ломбок, во близина на Бали, загинаа 550 лица.