петок, 19. јануари 2024. Вести денес: 0
home Вести

СЗО: Досега 64 напади врз здравствени установи во Украина

СЗО: Досега 64 напади врз здравствени установи во Украина

Светската здравствена организација (СЗО) досега потврди извршени 64 напади врз здравствени установи во Украина, изјави денеска генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.

-СЗО потврди 64 напади врз здравствени установи од почетокот на војната, а ние сè уште сме во процес на проверка на натамошни напади. Нападите врз здравствените установи мора да престанат. Здравствените системи, институциите и здравствените работници не се и никогаш не треба да бидат мета, истакна Гебрејесус на прес-конференција.

Мајк Рајан, директор на програмата за вонредни ситуации на СЗО, зборуваше за статистиката на Меѓународната организација за миграција и за ранливоста на милиони внатрешно раселени лица во Украина.

Според него, ситуациите како оние во Украина често доведуваат до состојба кога дури и пристапот до здравствените установи „станува искуство опасно по живот“.

-Ова е дехуманизација на ниво кое е многу тешко да се објасни. Многу е тешко да се разбере. Многу е тешко да се замисли низ што минуваат луѓето во оваа ситуација, порача Гебрејесус.

Зборувајќи за проблемите во работата во Украина и другите региони во криза, вклучително и Етиопија, Рајан нагласи дека се забораваат „основните“ принципи во однос на обезбедувањето помош.  (МИА)