Децата, почнувајќи од 12 години, треба да носат маски за лице секаде каде што и возрасните ги носат, како една од мерките против Ковид-19, соопштија здравствените и детските агенции на ОН во водич за носителите на одлуки, јави ДПА.
Светската здравствена организација (СЗО) и Фондот за деца на ОН (УНИЦЕФ) генерално не препорачуваат маски за деца на возраст од шест до 11 години, но тие треба да бидат земени предвид во областите со интензивно пренесување на вируси или во посебни установи, како што се училиштата, пренесува германската агенција.
Како и да е, постојат ситуации кога маските „можат значително да влијаат врз процесот на учење и да имаат негативно влијание врз училишните активности“, соопштија меѓународните експерти кои го подготвија упатството.
Помладите деца не треба да носат маски, главно затоа што не можат сами правилно да ги ставаат и вадат, се наведува во документот што вчера беше објавен.
Експертската група соопшти дека децата до шестгодишна возраст ќе треба да се под постојан надзор доколку носат маски.
„Децата, исто така, треба да бидат сослушани во врска со нивните перцепции и каква било загриженост за носењето маска“, наведуваат експертите.
Според последните податоците од целиот свет, само околу еден до седум проценти од сите случаи на Ковид-19 се деца и млади под 18 години, го пренесува ДПА документот на СЗО и УНИЦЕФ за детското носење маски.