Авганистанските талибанци ги повикаа Русија и Украина да „покажат воздржаност“ и „кризата да ја решат преку дијалог и мирни средства“. Емиратот ги повика страните во конфликтот да ги спасат животите на авганистанските студенти и мигранти во Украина.
-Исламскиот емират на Авганистан внимателно ја следи ситуацијата во Украина и изразува загриженост поради реалната опасност од цивилни жртви, се вели во соопштението на портпаролот на авганистанското Министерство за надворешни работи.
Талибанците, кои ја имаат власта во Авганистан, веруваат дека двете страни треба да се воздржат од ставови кои можат да доведат до зголемено насилство.
Се наведува дека Авганистан се придржува до позицијата на неутралност во надворешната политика.
„Исламскиот емират, исто така, ги повикува страните во конфликтот да ги спасат животите на авганистанските студенти и мигранти во Украина“, се додава во соопштението.