Американскиот претседател Џо Бајден и неговиот француски колега Емануел Макрон во денешниот телефонски разговор се осврнаа на зајакнување на европската одбрана, соопшти Белата куќа. Разговорот се случи во време кога Вашингтон се обидува да ги подобри билатералните односи по жестокиот спор околу подморниците.
Двајцата лидери „разговараа за напорите да се обезбеди посилна и поспособна европска одбрана, истовремено гарантирајќи дополнување (на одбраната) со НАТО, се наведува во соопштението.
Бајден ќе се сретне со Макрон во Рим подоцна овој месец и со нетрпение ја очекува можноста „да направи преглед на многу области на американско-француската соработка и да ги зајакне нашите заеднички интереси, се додава во соопштението.
Двајцата претседатели последен пат разговараа на 22 септември по жестокиот скандал поради продажбата на американски подморници на Австралија, што сериозно ги заостри односите. Австралија се согласи да набави подморници со нуклеарни реактори од САД, напуштајќи го постоечкиот договор со Франција за купување дизел подморници. Новиот договор ги налути Французите. Амбасадорот на Франција во Вашингтон и министерот за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан ги споредија едностраните постапки на Бајден со оние на поранешниот претседател Доналд Трамп, но „без твитови“. Иако Бајден не се извини за тајните разговори со Австралија, тој подоцна призна дека прашањето „можело да се реши преку отворени консултации меѓу сојузниците“.
Оттогаш САД се обидоа да ја подобрат ситуацијата, при што американскиот државен секретар Ентони Блинкен го посети Париз претходно овој месец и одржа тет-а-тет средба со Макрон. И во телефонскиот разговор во септември, Макрон виде значителна посветеност на Бајден да ги почитува напорите на Франција за зајакнување на европската одбрана и автономија. Американскиот потпретседател Камала Харис, исто така, следниот месец ќе оствари средба со Макрон во Париз, соопшти Белата куќа. (МИА)