Американската амбасадорка во ОН, Линда Томас – Гринфилд денеска изјави дека поддршката на САД за Украина е „непоколеблива“ и оти ќе продолжи „сè до украинската победа во војната“.
– Ние сме обединети од првиот ден и не видовме никакви пукнатини во тоа единство, нагласи Томас – Гринфилд.
Таа денеска ненајавено го посети Киев.
– Европа е обединета. НАТО е обединет. Во САД, двете главни партии ја поддржуваат поддршката за Украина, појасни американската амбасадорка.
Таа додаде дека нивната поддршка е непоколеблива.
– Ќе останеме обединети сè додека Украина не победи во оваа војна, а Русија не ги повлече нејзините сили од Украина, подвлече Томас – Гринфилд.
Таа беше прашана за коментар околу текстот на Вашингтон пост, за украински претставници кои ја убедуваат Украина да сигнализира оти е отворена за преговори со Русија.
– Бевме јасни. Нема преговори каде Украина не е на местото на возачот. Нема преговори за Украина без Украина, додаде таа.
Според неа, „меѓународната заедница сака правда за украинскиот народ“.
– Какви било преговори во главна улога мора да ја имаат Украина. Тие мора да одлучат кога се подготвени за преговори, со поддршка на меѓународната заедница, по Повелбата на ОН што Русија ја прекрши, смета Томас – Гринфилд.