Американскиот претседател во заминување, Доналд Трамп, синоќа, по гласањето за отповикување во Претставничкиот дом, повторно го осуди минатонеделното насилство во Капитол и рече дека сите што учествувале во немирите ќе бидат изведени пред лицето на правдата.
Трамп, чии налози се блокирани на сите важни социјални мрежи, се обрати преку видео порака на профилот на Белата куќа на Твитер и во својот говор ниту еднаш не ја спомна одлуката на Претставничкиот дом за негово отповикување.
-Сакам да бидам јасен: недвосмислено го осудувам насилството што го видовме минатата недела, рече Трамп, истакнувајќи дека ваквото насилство е спротивно на се во што тој верува.
“Ниту еден мој вистински поддржувач не можеше никогаш да поддржи политичко насилство. Ниту еден мој вистински поддржувач не можеше да не го почитува спроведувањето на законот или нашето големо американско знаме”, рече Трамп во петминутното обраќање.
-Доколку направите нешто од овие работи, не го поддржувате нашето движење, го напаѓате и ја напаѓате нашата земја. Не можеме да го толерираме тоа, рече американскиот претседател повикувајќи на смирување на тензиите.
„Насилството треба да престане“, додаде тој, истакнувајќи дека минатата година имаше премногу насилство, немири и кршење на законот.
-Без разлика дали сте десно или лево, демократ или републиканец, нема оправдување за насилството. Нема изговори. Нема исклучоци. Америка е правна држава. Оние што учествуваа во нападите од минатата недела ќе бидат изведени пред лицето на правдата, рече американскиот претседател.
Трамп кажа и дека е информиран од тајните служби дека во следните денови се можни нови немири.
Тој повтори дека им издал наредба на сојузните агенти да ги ангажираат сите ресурси за воспоставување ред и дека Националната гарда е распоредена во Вашингтон за да го обезбеди градот и да обезбеди трансфер на власта да биде мирен и без инциденти.
Тој вели дека секој Американец има право да го слушне својот глас, но дека тоа мора да го стори со почит и во мир.
На крајот од своето обраќање, тој повика на единство на нацијата.
-Треба да се фокусираме на напредокот на целата нација, на испораката на чудесните вакцини, на победата над пандемијата, на реконструкцијата на економијата, на заштитата на националната безбедност и владеењето на правото, заклучи Трамп во својот говор од Белата куќа на Твитер.