петок, 17. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Третина од жените во земјите во развој стануваат мајки на возраст од 19 или порано

Третина од жените во земјите во развој стануваат мајки на возраст од 19 или порано

Речиси една третина од жените кои живеат во земјите во развој стануваат мајки на рана возраст, со 19 години и порано, според студија објавена од Агенцијата за население на ОН (УНФПА), што е специјализирана за сексуално и репродуктивно здравје.

Студијата покажува дека речиси половина од адолесцентните девојчиња го раѓаат своето прво дете на 17 години или порано.

Со оглед на овие податоци, „јасно е дека девојчињата се запоставени“, изрази жалење директорката на УНФПА, Наталија Канем.

„Бременостите што ги гледаме кај младите мајки се јасен знак дека очајно им требаат информации и услуги за сексуалното и репродуктивното здравје“, додаде таа.

Речиси три четвртини од девојчињата кои го родиле своето прво дете на возраст од 14 и порано, исто така, раѓаат второ дете на рана возраст, а 40 проценти од оние со две деца имаат трето пред да ја напуштат адолесценцијата, покажува студијата.

Сепак, УНФПА посочува дека забележува охрабрувачки знаци за пад на стапката на раѓања на рана возраст во светот, но стапката на опаѓање е премногу бавна, оценува агенцијата.

„Владите мора да инвестираат во грижата за адолесцентните девојчиња и да им овозможат услови за стручно оспособување и за стекнување финансиска сигурност, со што ќе помогнат да се спречи рана и несакана бременост“, повика Канем.

„Кога девојките ќе можат да одлучуваат повеќе за сопствениот животен пат, мајчинството на рана возраст ќе биде се поретко“, заклучува таа.