петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Тунис добива 300 милиони евра макрофинансиска помош од ЕУ

Тунис добива 300 милиони евра макрофинансиска помош од ЕУ

Европска Унија му испорача 300 милиони евра макрофинансиска помош денеска, ова е втора и последна транша во рамките на помошта за ублажување на последиците од кризата со Ковид-19, јави дописничката на МИА од Брисел.

Првата транша, исто од 300 милиони евра, Тунис ја доби минатата година во јуни.

Тунис, како и другите земји од соседството на ЕУ и од земјите вклучени во политиката на проширување, има право на макрофинансиска помош за справување со кризата предизвикана од пандемијата.

Европската Комисија порачува дека овие средства ќе и помогнат на земјата да се справи со последиците од здравствената криза, што денес е дополнително влошена со војната во Украина во областа на храната и енергијата.

Овие 600 милиони евра вкупно Тунис ги добива во форма на долгорочни заеми со поволни услови. Целта е да се подобрат јавните финансии на земјата, да се реформира јавниот сектор, да се зајакнат механизмите за социјална заштита и да се реформира бизнис климата.

За возврат Тунис има обврска да ги почитува реформите во патоказот со ЕУ, демократија, човекови права, владеење на правото, но и фер изборен процес во јули и декември оваа година.