петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Тунижаните гласаат на референдум за проширување на претседателските овластувања

Тунижаните гласаат на референдум за проширување на претседателските овластувања

Тунижаните денеска гласаат на референдум за новиот устав за кој критичарите на претседателот Каис Саид стравуваат дека може да ја уништи демократијата што произлезе од револуцијата во 2011 година, давајќи му речиси целосни овластувања.

Гласањето ќе се одржи на годишнината од ненадејниот потег на Саид против избраниот парламент кога тој ја собори владата, воведе воена состојба и почна да владее со декрет.

Не е познато кога ќе бидат објавени резултатите откако гласачките места ќе се затворат во 21 часот по средноевропско време.

Со оглед на забележително слабиот ентузијазам меѓу мнозинството Тунижани и бојкотот на главните партии, аналитичарите очекуваат исходот од гласањето да биде „за“, со слаб одѕив на гласачите.

Според правилата на Саид за референдум, не е потребен минимален праг на излезност за да се одобри нов устав. Се наведува дека ќе стапи на сила кога ќе бидат објавени конечните резултати, но не се наведува што ќе се случи доколку гласачите го отфрлат.

Саид ги претставува своите потези како темел на новата туниска република со цел да ја врати револуцијата на вистинскиот пат и да стави крај на годините на политички ќорсокак и економска стагнација. Неговите непријатели го обвинуваат за државен удар.