Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска повика на претстојниот самит на Г-20 во Индонезија да се преземат цврсти чекори за испраќање жито и вештачко ѓубриво во неразвиените земји. Воедно, тој информираше дека Турција и Русија постигнале консензус за подобра употреба на коридорот за жито во Црното Море, особено за оние земји во Африка на кои им е најнеопходна помош.
Говорејќи на меѓународниот саем организиран од Независните здруженија на индустријалци и бизнисмени (МУСИАД) ЕКСПО во Истанбул, Ердоган рече дека рускиот претседател Владимир Путин се согласил бесплатно да испраќа жито во земјите на кои им е потребна.
– За време на нашиот разговор со господинот Путин, тој рече: „Да испратиме жито бесплатно во земји како Џибути, Сомалија и Судан“. Во однос на тоа бевме на иста страна. Ќе обезбедиме бродовите со жито да стигнат до секоја земја која има потреба, почнувајќи од Сомалија, Џибути и Судан, кои се борат со тешка криза со храна и глад, рече турскиот претседател.
Тој рече дека не го прифаќа менталитетот што ја дефинира Европа како „градина“, а остатокот од светот како „дивина“.
– Не очекуваме оние кои спроведуваат колонијализам користејќи нови начини и методи да заземат совесен однос кон кризите, рече Ердоган, пренесува Анадолија.
На 22 јули во Истанбул Турција, Обединетите нации, Русија и Украина потпишаа договор за обновување на извозот на жито од Црното Море, кој беше суспендиран по почетокот на руско-украинската војна во февруари.