Високи турски владини претставници ја осудија карикатурата на претседателот Реџеп Тајип Ердоган во францускиот сатиричен неделник Шарли Ебдо, истакнувајќи оти е „одвратен обид за ширење на културен расизам и омраза“.
– Силно ги осудуваме карикатурите на нашиот претседател во француското списание кое нема почит кон ниту една религија. Ништо не им е свето, немаат никави вредности, напиша портпаролот на Ердоган, Ибрахим Калин на Твитер.
Тој додаде дека со тоа Шарли Ебдо покажува дека е „вулгарен и неморален“.
– Напад врз нечии приватни ставови не е хумор ниту слобода на изразување, додаде Калин.
Додека претставникот на Ердоган за медиуми, Фахретин Алтун изјави дека антимуслиманската пропаганда на францускиот претседател Емануел Макрон „дава плодови“.
– Го осудуваме најодвратниот чин предизвикан од најновата карикатура, што шири расизам и омраза, напиша Алтун ан Твитер.
На насловната страница на Шарли Ебдо, Ердоган седи во бела кошула и долна облека, држи пијалак и го подигнува здолништето на жена во хиџаб, на која и се гледа задникот.