Турските власти наредиле притворање на уште 318 осомничени поддржувачи на исламскиот свештеник Фетулах Ѓулен, кој со години живее и се крие во САД, а во врска со неуспешниот пуч во 2016 година, каде тој е посочен за организатор, објави денеска агенцијата Анадолија.
ДПА пренесува дека повеќето од осомничените се припадници на војската, кои се товарат за своите врски со Ѓулен.
Денешните рации се изведени во неколку провинции, вклучувајќи ги и Истанбул и главниот град Анкара.
Во Измир се бараат 167 активни или поранешни војници, додека јавниот обвинител во Истанбул нареди апсење на 84 осомничени лица, јави Анадолија.
ДПА јавува дека се приведени веќе приближно 200 лица, додека полицијата трага по останатите осомничени низ целата земја.
Турција го смета движењето на Ѓулен за терористичка организација и постојано соопштува дека неговата мрежа со децении се инфилтрирала во клучните јавни институции за да го контролира она што владата го нарекува „паралелна држава“.