Украинскиот јавен обвинител Андриј Костин денеска изјави дека неговата канцеларија отворила кривична постапка за руските ракетни напади врз Киев и други украински градови оваа недела.
Костин ги опиша нападите, кои се случуваат од понеделникот, како „класичен терористички чин“ на Русија, говорејќи на заедничката прес-конференција со обвинителот на Меѓународниот кривичен суд Карим Кан во Хаг.
Тој рече дека 17 лица загинале, а 93 се повредени во повеќе од 112 руски ракетни напади, што е најголемата воздушна офанзива на Москва од почетокот на инвазијата на 24 февруари.
– Целта на намерните напади на Русија е да предизвикаат смрт на цивили и да ја уништат цивилната инфраструктура и да предизвикаат хуманитарна катастрофа со недостиг на електрична енергија и греење. Заедно со тактиката на заплашување на цивилите, ова е класичен терористички чин забранет со меѓународното право. Секоја смрт и повреда или оштетена зграда ќе биде документирана и ќе се покрене кривична постапка, рече тој.
Засега нема коментар од Руското Министерство за одбрана.