Украина денеска ги отфрли руските повици да го предаде пристанишниот град Мариупол, каде жителите се опколени и оставени со малку храна, вода и струја во хуманитарна криза што го зголемува притисокот врз европските лидери да ги заострат санкциите кон Москва.
Украинската влада ги отфрли руските повици украинските сили во Мариупол да го положат оружјето во замена за безбедно излегување од градот и хуманитарните коридори.
– Не може да се зборува за какво било предавање, полагање оружје. За тоа веќе ја информиравме руската страна – ја цитираше изјавата на заменик-премиерката на Украина Ирина Верешчук весникот портал „Украинска правда“.
Мариупол претрпе некои од најтешките бомбардирања откако Русија ја нападна Украина на 24 февруари. Многу од неговите 400.000 жители сè уште се заробени додека борбите беснеат на улиците околу нив.
Верешчук рече дека повеќе од 7.000 луѓе биле евакуирани од украинските градови преку хуманитарни коридори во неделата, повеќе од половина од Мариупол. Таа рече дека владата планира да испрати речиси 50 автобуси таму во понеделник за понатамошна евакуација.
За време на војната, Русија и Украина склучија договори за хуманитарни коридори за евакуација на цивили, но меѓусебно се обвинуваа за често кршење на тие договори.