Пробивањето на голема брана во јужна Украина ќе има катастрофален ефект врз лоцирањето на нагазни мини, предупреди Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК).
Како што јави Би-би-Си, Ерик Толефсен, шеф на Единицата за контаминација со оружје на МКЦК, предупреди дека мините исфрлени во поплавата предизвикаа голема загриженост не само за жителите на Херсон, туку и за оние кои доаѓаат да помогнат.
– Знаевме каде се опасностите. Сега не знаеме, изјави тој.
– Сè што знаеме е дека тие се некаде низводно, додаде Толефсен.
Наталија Хумениук, портпаролка на јужната воена команда на Украина, изјави дека „многу противпешадиски мини (во областите заземени од Русите) сега станаа пловечки мини“.
– Тие претставуваат голема опасност, рече таа, објаснувајќи дека најверојатно ќе експлодираат доколку се судрат или удрат во нешто.
– Страните во конфликтот не го објавија бројот на мини што ги поставија. Само знаеме дека бројот е огромен, предупреди Толефсен.
Илјадници луѓе веќе се евакуирани од делови на регионот Херсон, бидејќи водата продолжува да навлегува низ реката Дњепар, која ги дели териториите контролирани од Русија и Украина.
Москва и Киев меѓусебно се обвинуваат за уривање на браната Каховка која го снабдувала со вода Крим, кој беш анектиран од Русија во 2014 година и е во област што украинските сили сакаат да ја ослободат.