понеделник, 1. април 2024. Вести денес: 0
home Вести

Украински Генералштаб: Се водат жестоки битки околу Миколајев и Чернихив

Украински Генералштаб: Се водат жестоки битки околу Миколајев и Чернихив

Украинските сили водат „силни битки“ против руските сили за контрола на градовите Миколајев на југ и Чернихив на северот на земјата, соопшти утринава Генералштабот на украинската армија, додавајќи дека во тек е украинска воена операција во источниот регион Доњецк.

Армијата во соопштението преку Фејсбук додаде дека главните напори се концентрирани околу градот Мариупол, стратешко пристаниште на југоистокот на земјата.

Градоначалникот на Мариупол изјави дека ситуацијата во градот е „многу тешка“, дека градот е под „хуманитарна блокада“ и под силно гранатирање.

Тој рече дека има илјадници повредени во гранатирањето во последните денови и дека руските сили ја блокираат испораката на храна и лекови.

„Градот Мариупол повеќе не постои“, рече тој.

Евакуацијата на цивилите е одложена поради бројните руски прекршувања на примирјето, тврдат градските власти на Мариупол, додека Москва ги обвинува украинските „националисти“ дека го спречуваат заминувањето на цивилите и го користат примирјето за консолидирање на одбраната.

Проруски функционер за руската државна телевизија изјави дека денеска повторно ќе бидат отворени коридорите за безбедно поминување на жителите на градот.

Шефот на армијата во Доњецк, кој го држат проруските сепаратисти, Едуард Басурин, изјави дека денеска повторно ќе бидат отворени коридорите за безбедно поминување на жителите во два града во регионот, Мариупол и Волноваха.

Тој не кажа колку долго безбедниот премин ќе остане отворен, ниту дали ќе биде воведено примирје за да се олесни евакуацијата на двата града.

Третата рунда преговори меѓу Украина и Русија ќе се одржи во понеделник, изјави вчера членот на украинската делегација Дејвид Арахами.

Рускиот претседател Владимир Путин вчера изјави дека Русија ќе ја смета за учесник во војната секоја земја што ќе се обиде да воведе зона на забранети летови над Украина, што Киев го побара, а НАТО веќе го отфрли како можност.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска на Твитер објави дека повторно разговарал по телефон со американскиот претседател Џозеф Бајден за да разговараат за „безбедносните прашања“ и „финансиската помош за Украина“ и „продолжувањето на санкциите против Русија“.