Организација за образование, наука и култура на Обединетите Нации – УНЕСКО одлучи да не ја вклучи Венеција и нејзината лагуна на листата загрозени места на светското наследство – спротивно на очекуваното.
Комитетот на УНЕСКО ја донесе одлуката вчера на тековниот состанок во Ријад, Саудиска Арабија. Сепак, Комитетот ја повтори својата загриженост за правилно зачувување на овој град во северна Италија, признат како светско наследство во 1987 година. При закани од масовниот туризам и климатските промени, се вели дека мора да се постигнува и натамошен напредок.
Градоначалникот на Венеција, Луиџи Бруњаро го изрази своето задоволство по одлуката на УНЕСКО, нагласувајќи дека се направени напори за заштита на таа област.
– Венецијанците го сакаат својот град и веруваат во неговата иднина, изјави Бруњаро.
Италијанскиот министер за култура, Џенаро Санџулијано ја нарече одлуката „голема победа за Италија и здравиот разум“. Тој рече дека градот Венеција презел храбри чекори за управување со туризмот и обезбедување заштита на статусот на неговото наследство.
Градскиот совет на Венеција претходно одлучи да воведе такса од пет евра за туристи. Надоместокот првично пробно ќе се применува вкупно 30 дена следната година, пред сѐ за време на пролетните празници и летните викенди кога има најмногу посетители.