Високата комесарка на ОН за човекови права Мишел Башеле ја осуди „бесмислената војна“ во Украина и повика на прекин на неподносливите страдања на цивилите во руската инвазија.
„Како што влегуваме во петтиот месец од војната, продолжува да расте неподносливиот данок од војната во Украина. Во името на секоја жртва на оваа бесмислена војна, барам да престанат убиствата, мачењата, произволните затворања“, пренесува лондонски „Гардијан“ делови на обраќањето на Башеле пред Советот за човекови права на ОН.
Башеле вчера пред Советот го претстави извештајот на УНХЦР за состојбата со човековите права во Украина, за периодот од почетокот на руската инвазија на 24 февруари заклучно со 15 мај.
„Големиот број цивилни жртви и обемот на уништување на цивилната инфраструктура продолжуваат да предизвикуваат голема загриженост. Нападите извршени од руските оружени сили не се во согласност со меѓународното хуманитарно право“, рече Башеле, нагласувајќи дека ниту украинските сили целосно се придржувале на меѓународните хуманитарни норми при нивните воени активности во источните делови на земјата.