четврток, 23. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

УНХЦР укажува на потребата од поделба на товарот меѓу државите при прифатот на бегалци од Украина

УНХЦР укажува на потребата од поделба на товарот меѓу државите при прифатот на бегалци од Украина

Високиот комесаријат за бегалци на ОН соопшти дека одговорноста за бегалците од Украина во Европа треба да биде распоредена на поструктурален начин.

„Континентот се соочува со бран бегалци од Украина кои бегаат од војната. Европа мора да вложи дополнителни напори за тоа како ќе ја сподели одговорноста за бегалците и тука пред се мислам на структурален начин“, изјави шефот на УНХЦР, Филипо Гранди.

Руската инвазија врз Украина предизвика хуманитарна криза со повеќе од 1,5 милиони бегалци кои воглавно засолниште бараат во соседните земји, најмногу во Полска.

„Овој конкретен бран бегалци се луѓе кои имаат ресурси и имаат врски. Но, како што војната продолжува, може да има повеќе бегалци нема да имаат свои врски во Европа, што ќе бара поструктурален одговор“, изјави тој.

„Одговорноста најмногу паѓа врз соседните земји, оттаму потребата од поструктуиран систем во рамките на ЕУ…Велика Британија, можеби и подалеку во САД и Канада и други земји, додаде Гранди.

„Се надевам дека позитивното од оваа криза е тоа што Европа разбира дека секоја од државите може да биде онаа врз која ќе падне товарот, да стане примател на голем број бегалци така што ќе и биде неопходна помош од други“, рече тој.

Според најновите податоци на Агенцијата за бегалци на ОН, од почетокот на руската интервенција на 24 февруари Украина ја напуштиле 1.534.792 луѓе.

Претходно шефот на дипломатијата на ЕУ, Жосеп Борел, предупреди дека околу пет милиони Украинци се очекува да ја напуштат земјата доколку продолжат офанзивните активности на руските воени сили, притоа нагласувајќи ја потребата Европа да се подготви за тоа.

„Мора да се подготвиме да примиме околу пет милиони луѓе…Мора да ги мобилизираме сите ресурси на ЕУ за да им помогнеме на земјите што ќе прифатат бегалци. Ќе ни требаат повеќе училишта, повеќе прифатни центри, повеќе од се“, изјави тој.

Борел исто така вети зголемена контрола на трошоците за помош на ЕУ во земјите кои дипломатски ја поддржуваат Русија или се воздржаа од критики на Москва за инвазијата врз Украина.