четврток, 30. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Уште еден пожар во трговскиот центар во Кемерово

Уште еден пожар во трговскиот центар во Кемерово

Уште еден пожар изби во трговскиот центар во рускиот град Кемерово, каде утрово е изгаснат огнот што изби вчера.

– Според очевидците од објектот се издига чад, објави „Раша тудеј“.

Во вчерашниот пожар во трговски центар во сибирскиот град Кемерово загинаа најмалку 64 лица, меѓу кои и голем број деца, изјави денеска рускиот министер за вонредни ситуаци, Владимир Пучков.

Претходно, Истражниот комитет на Русија соопшти дека најмалку 44 лица се повредени, а околу 30 се водат како исчезнати.

Десет лица се во болница, меѓу кои и 11-годишно момче кое е во кома откако скокнало од прозорец од трговскиот центар. Локалните медиуми информираат дека неговите родители починале во пожарот.

Тринаесетгодишната Марија Мороз, од кино-салата испратила СМС: „Ние сме во пожар. Изгледа ова е збогум од мене. За неа се претпоставува дека е мртва“.

Пожарот во трговскиот центар во Кемерово изби на четвртиот кат, каде се наоѓаат кино-сала и детски забавен центар и зафати околу 1.600 квадратни метри.

Покрената е истрага заради откривање на причините за избувнување на огнот.

– Четири лица се притворени и сослушани, меѓу кои и закупецот на кино-салата, каде се претпоставува дека избил пожарот, како и менаџерот на компанијата која раководи со трговскиот центар, изјави портпаролката на истражниот комитет Светлана Петренко.

Станува збор за трговскиот центар „Зимнаја вишња“, кој се наоѓа во една од главните градски улици, во близина на железничката станица. Трговскиот центар е отворен во 2013 година, со површина од 23.000 метри квадратни, паркинг за 250 автомобили, продавници, сала за куглање, детски центар и кино.