Интерпол упати меѓународен апел за идентификација на тело на момче, пронајдено врзано за карпа и завиткано во фолија во реката Дунав во Германија.
Посмртните останки на детето беа откриени во близина на Гросмехринг во Баварија на 19 мај минатата година, но не е познато колку долго било во водата.
-Истражителите веруваат дека тој имал меѓу пет и шест години и дека најверојатно времето го поминувал надвор од Германија, пренесува „Нова.рс“.
Властите на оваа земја побараа од Интерпол да испрати таканаречено црно известување, вклучувајќи слики од реконструкција на лицето, до 185-те земји-членки на организацијата.
Момчето било високо околу 110 сантиметри и тешко околу 15 килограми, со кафена коса и нулта крвна група.
Јирген Сток, генерален секретар на Интерпол, рече: „Преку ова црно известување, Интерпол ја повикува глобалната заедница за спроведување на законот да ги проверува базите на податоци и да консултира отворени или нерешени случаи. Некој, некаде знае нешто за ова момче, па подеднакво е важно одредени детали да бидат јавно објавени. Без разлика дали тој е жртва на трговија со луѓе, киднапирање или насилство, ние сме посветени да ги мобилизираме сите полициски сили на Интерпол за да го идентификуваат и да им помогнеме на истражителите да ја расветлат неговата смрт“.
Германската полиција сака да разговара и со секој кој се сеќава на исчезнато дете кое одговара на описот на момчето пронајдено во реката и чие исчезнување би можело да се поврзе со случајот.
Тие можат да соработуваат со Интерпол за да им помогнат на роднините кои веруваат дека момчето можеби е член на нивното биолошко семејство да добијат ДНК совпаѓање.
-Инаку, црното известување е издадено како дел од програмата „Идентификувајте ме“, која беше лансирана во мај за да им помогне на полицајците во Белгија, Германија и Холандија да идентификуваат 22 жени и девојки за кои веруваат дека се убиени, пишува Sky News. (МИА)