Млад човек (26) бил пронајден мртов во близина на шумска патека во северната италијанска провинција Тренто, каде што бил нападнат и усмртен од мечка додека џогирал.
Причината за смртта на жителот на Тренто е утврдена по извршената обдукција, соопштиле тамошните власти. Телото на маж било пронајдено во четвртокот во близина на шумска патека во долината Вал ди Соле, популарна дестинација за планинари и туристи, пренесува Гардијан.
Властите веднаш се посомневале во напад на мечка поради видот на повредите, кои вклучувале длабоки расекотини на телото и лицето, каснувања и длабока рана на стомакот.
Претседателот на автономната провинција Тренто, Марио Фугати, на состанокот со Комитетот за јавен ред и безбедност изјавил дека мечката сега мора да се најде и убие „за да се гарантира јавната безбедност“.
-Сите „проблематични“ животни треба да бидат застрелани“, додал тој.
Инаку, во планинската и шумска област на северна Италија живеат околу 100 мечки, а во последно време жителите се почесто ги гледаат.
Според покраинската управа нивниот број се зголемува. Десет нови мечки биле донесени на ова подрачје од Словенија во 1999 година како дел од проектот на Европската унија „Life Ursus“ со цел да се заштити видот од исчезнување.
Првично била планирана популација од 50 животни, а Фугати вели дека сега треба да се справат со „вишокот“.