Со нападот на нуклеарната електрана во југоисточниот дел на Украина, рускиот претседател Владимир Путин си игра со оган, изјави денеска, британскиот министер за одбрана Бен Валас. Тој го повика Путин да престане со нападите на такви цели.
Како што соопшти Киев, руската војска ја зазела најголемата европска нуклеарна електрана Запорoжје, откако ја нападнаа рано утринава.
При нападот, настана пожар во петкатен објект за обука.
– Најцврсто апелираме до рускиот претседател, во потполност да престане со напаѓање такви места. Тоа е многу опасно, појасни Валас на прес конференцијата, за време на посетата во Копенхаген.
Според министерот, тоа не е опасно за Украина и Русија, туку за Европа.
– Тоа е играње со оган, надвор од сè што е поврзано со логика или потреба, истакна Валас.