Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг Венбин, денеска како „мешање во внатрешните работи“ ги оцени коментарите на американскиот државен секретар Ентони Блинкен на годишнината од масакрот на плоштад Тиенанмен.
-Изјавата на Бликен претставува мешање во внатрешните работи на Кина, рече Ванг на редовната прес-конференција.
„На 4 јуни е 32-годишнината од крвавото задушување на протестите од Народна Република Кина на плоштадот Тиенанмен, кога беа убиени илјадници демонстранти кои само повикаа на почитување на нивните права и слободи. Човековите права се универзални и сите влади мораат да ги штитат и унапредуваат“, соопшти државниот секретар Бликен на Твитер.
Денеска се одбележува 32-годишнината од насилното задушување на масовните продемократски протести на плоштадот Тиенанмен во Пекинг, кои со крв ги задуши кинеската војска, при што загинаа неколку стотици луѓе. Децении по бруталното сузбивање на протестите од страна на семејствата на жртвите, од лидерите на земјата се уште се бара да ја признаат вистината за масакрот.
Роднините на жртвите, организирани во мрежата „Мајките на Тиенанмен“ во денеска објавеното отворено писмо бараат „вистина, компензација и одговорност“ за настанот.
„Триесет и две години подоцна, се уште не гледаме официјални обиди да се откријат информации за крвопролевањето, а убиствата во јуни 1989 година остануваат табу за владата“, наведуваат во писмото. (МИА)