Во главниот град на американската сојузна држава Северна Каролина, Роли, денеска е уапсен вооружен маж, откако претходно убил пет лица, вклучувајќи и полицаец кој не бил на должност, соопштија градските власти.
Осомничениот за нападот, за кој засега ништо не се знае, ранил неколку лица, меѓу кои и полицаец кој работел со кучиња.
-Неговиот живот не е во опасност, изјави претходно градоначалничката Мери-Ен Болдвин, изразувајќи жалење за тажниот и трагичен ден.
Првите истрели се слушнале нешто по 17 часот (23 часот по средноевропско време) на патеката во градот со 500.000 жители, главниот град на Северна Каролина.
Голем број припадници на полициските сили веднаш биле распоредени да го пронајдат сторителот, наведуваат локалните медиуми.
-Го видов како минува пред мојата куќа, во градината. Имаше ловечка пушка со долга цевка и носеше маскирна униформа, изјави Роберт, сведок кој сакаше да остане анонимен, за локалната мрежа ВРАЛ (WRAL).
Градоначалничката Болдвин, на прес-конференција кажа дека „полицијата на Ралији околу 20 часот успеала да го опколи осомничениот“.
„Осомничениот е во притвор“, објави полицијата на Твитер.
Агенциите претходно јавија за шест смртни случаи во пукотницата.
Пукањата со смртни последици се редовна појава во САД, земјата која плаќа висока цена затоа што голем број луѓе поседуваат огнено оружје, што лесно се добива.
-Во борбата против ова зло, мораме да направиме многу повеќе, повика видно потресената градоначалничка на главниот град на Северна Каролина.
Во 2021 година во САД од огнено оружје беа убиени околу 49.000 лица, додека година претходно беа застрелани 45.000, која важеше за година со најголем број жртви. Тоа е повеќе од 130 смртни случаи дневно, од кои повеќе од половината се самоубиства.