Најмалку две лица загинаа откако силно невреме го погоди јужниот италијански остров Сицилија и предизвика големи поплави околу градот Катанија, претворајќи ги улиците и плоштадите во реки и езера, соопштија денеска спасувачите.
Портпаролот на групата волонтери на „Мисерикордија“, кои им помагаат на полицијата и пожарникарите, изјави дека тело на маж е пронајдено под автомобилот поради обилните дождови што го зафатија градот Гравина, северно од Катанија, пренесува Ројтерс.
Полицијата, контактирана од Ројтерс, ја потврди смртта, но не соопшти повеќе детали.
Телото на 67-годишен маж е пронајдено вчера во шума далеку од местото каде што последен пат бил виден, па се претпоставува дека неговиот автомобил бил однесен од порој вода и кал југозападно од сицилијанскиот град Катанија.
Сопругата на повредениот се уште се води како исчезната, потврдија за репортерот на Ројтерс од локалната брза помош.
Дождот поплави некои од најпознатите улици и плоштади во Катанија и предизвика прекин на електричната енергија во центарот на градот и поплава на продавници, а училиштата беа затворени во градот и во голем број околни места.
Поплавите го зафатија и одделението на болницата Гарибалди во Катанија, јавуваат медиумите.
„Вонредната ситуација е широко распространета и исклучително критична и се чини дека не се подобрува“, изјави портпаролот на противпожарната служба.
Италијанскиот метеоролошки сајт ilmeteo.it наведува дека делови од Сицилија и соседна Калабрија биле зафатени од редок тропски циклон, познат како Медика, а морето било осум степени потопло од просекот за овој период од годината.
Невремето се очекува да го достигне врвот меѓу четврток и петок.