Водата за пиење во Франција е во голема мера загадена со метаболити на хлороталонил, пестицид забранет во 2019 година, се вели во извештајот објавен денеска од Националната агенција за безбедност на храна, животна средина и здравје при работа.
Се додава дека дури 34 отсто од водата што се дистрибуира во Франција не е во согласност со прописите, пишува париски „Монд“ и додава дека неколку месеци речиси насекаде во Франција, јавните власти за вода за пиење и делегираните компании се вознемирени од откривањето на високи концентрации на производи од разградувањето на хлороталонил, пестицид што го продава Syngenta, кој се користи од 1970 година, но беше забранет во Европа во 2019 година.
Во извештајот, Националната агенција за храна, животна средина и здравје и безбедност при работа (ANSES) го потврдува речиси генерализираното присуство на метаболитот R471811 во површинските и подземните води на метрополата, и што е уште поалармантно, конвенционалните канали за третман на отпадни води не може да се ослободат од него, поради што голем број Французи добиваат вода од чешмата која поради оваа молекула не е во согласност со регулаторните критериуми за квалитет.
Сепак, не е докажано никакво влијание врз здравјето на предметниот метаболит при овие дози на изложеност.
Тие, исто така, наведуваат дека хлороталонил се користи 50 години и дека луѓето насекаде пијат неквалитетна вода долго време и дека се уште е отворено прашање колку време ќе биде потребно, по забраната на неговата матична молекула, за R471811 да исчезне од околината.
Се додава дека швајцарските здравствени власти утврдиле дека R471811 бил присутен во 60 отсто од сливовите на Швајцарската висорамнина – регион каде се концентрирани две третини од населението во земјата.
Главната непознаница е можното влијание на овие траги од пестициди врз здравјето, бидејќи не постојат долгорочни студии за неговите здравствени ефекти.
Како што се наведува, потребни се инвестиции за третирање на тој пестицид, а експертите велат дека се потребни инвестиции на национално ниво од неколку милијарди евра.