Италијанската антимонополска комисија казни две компании, „Епл Интернешнл“ и „Епл Италија“, со 10 милиони евра за неточно рекламирање на паметни телефони и неисполнување на обврските, кои се гарантираат со набавка на нивниот мобилен телефон.
Имено, компанијата Епл во рекламните пораки тврди дека нивните паметни телефони се отпорни на вода до длабочина од 4 метри и во траење од 30 минути.
Сепак, контролата утврди дека тоа не е точно и дека тврдењето на компанијата се однесува само на лабораториско мерење на паметните телефони на Епл. Всушност за време на лабораториски мерења се користи статична и чиста вода, што не одговара на реалниот живот.
Исто така, следеше казна, бидејќи Епл одби да им ја признае на клиентите штетата предизвикана откако паметниот телефон бил оштетен од вода или некоја друга течност, иако на тоа се обврзала со гаранција.
Според локалните медиуми, најпродавани мобилни телефони во Италија се „Самсунг“, при што три од пет продадени телефони се од таа марка, а на второ место е кинескиот Ксиаоми. Мобилните телефони на „Епл“ се наоѓаат на четвртото место според продажбата во Италија, а годинава има пад на продажбата за 10 проценти.