Од 18 мај во Италија ќе бидат отворени ресторани, кафулиња, барови, фризерски и салони за убавина, продавници, музеи и библиотеки.
На регионалните власти во Италија им е дадена можност сами да утврдат како ќе го спроведат олеснувањето на мерките воведени во борбата против коронавирусот.
Отворањето на некои јавни објекти, кое првично беше планирано за 1 јуни, поместено е за 18 мај.
Оваа одлука, која синоќа ја објави италијанската Влада, дојде под притисок на регионалните лидери кои сакаа да им се дозволи сами да формираат план за олеснување на мерките.
Според „Гардијан“, заштитните мерки ќе мора да се почитуваат кога ќе се отворат овие објекти, додека рестораните ќе треба да обезбедат растојание од четири метри меѓу масите.
Во последните 24 часа во Италија се регистрирани 744 нови случаи на зараза со коронавирусот, што е најмал дневен број на пациенти од 4 март.
Од Ковид-19 во Италија досега починале 30.739 лица, од кои 179 во текот на претходниот ден.