Околу 15 проценти од хотелите и другите сместувачки капацитети во Италија остануваат затворени во текот на летната сезона поради пандемијата на Ковид-19, а 98,4 проценти од компаниите во тој сектор размислуваат да го намалат бројот на вработени во однос на минатата година.
Ова го покажа студија за влијанието на ситуацијата со Ковид-19, спроведена од страна на Унијата на италијански стопански комори и италијанскиот Национален институт за истражување на туризмот (Иснарт) на примерок од повеќе од 2.000 сместувачки капацитети.
За да се опорави туризмот, Италија претстави план за „бонус“ што може да се искористи за плаќање за сместување во таа земја од 1 јули, кој предвидува 500 евра за семејства со ниски приходи со три или повеќе членови, 300 евра за двојки и 150 евра за самци.
Од повеќе од 2.000 сместувачки капацитети во Италија опфатени со истражувањето, 30,8 проценти рекле дека не прифаќаат „бонус“ како средство за плаќање, а 57,6 изјавиле дека не добиле резервации на овој начин, се вели во извештајот.
Туризмот е еден од главните сектори на италијанската економија и учествува со околу 13 проценти од бруто домашниот производ. (МИА)