недела, 14. јануари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Во Јапонија 200.000 луѓе повикани на евакуација по обилните дождови

Во Јапонија 200.000 луѓе повикани на евакуација по обилните дождови

Во обилните дождови во северна Јапонија има урнато мостови и излеани реки, а 200.000 жители беа повикани да ги напуштат погодените области.

Две лица се водат како исчезнати, изјави владиниот портпарол Хироказу Мацуно, а властите предупредија на зголемен ризик од лизгање на земјиштето и поплави.

На телевизиските снимки се гледаат паднати дрвја во калта во близина на планинската станбена зона, како и поплавени куќи и целосно урнат мост.

Јавниот сервис НХК објави дека се издадени необврзувачки известувања за евакуација за 200.000 жители во петте префектури во земјата – Нигата, Јамагата, Фукушима, Ишикава и Фукуи.

Сообраќањето на некои брзи возови (шинкасен) е прекинато во погодените области.

Во 2021 година, обилните дождови предизвикаа огромно лизгање на земјиштето во Атами, централна Јапонија, при што загинаа 27 луѓе.

Во 2018 година, од лизгање на земјиштето и поројните поплави загинаа повеќе од 200 луѓе во западна Јапонија за време на годишната сезона на дождови.

Според научниците, затоплувањето ги зголемува ризиците од интензивни дождови во Јапонија, како и на други места во светот.