Во Норвешка денеска почнаа најголемите воени вежби на НАТО од крајот на Студената војна со примена на хипотетичко сценарио за повторно воспоставување на суверенитетот на оваа скандинавска земја после напад од страна на „фиктивен агресор“.
НАТО ја информирал Русија, која се граничи со Норвешка, за вежбата „Спој на трoзабец 2018“ (Trident Juncture 2018 ) и ја повика да ја набљудува, но Москва и покрај тоа се уште е лута поради оваа вежба, коментираат светските агенции. Се потсетува дека рускиот министер за одбрана предупреди оти Москва би можела да биде приморана да одговори на зголемената активност на НАТО во близина на западната граница на Русија.
На воената вежба на Алијансата учествуваат 50 илјади членови на воениот персонал од 29 сојузници на НАТО со партнерските земји Финска и Шведска, а ангажирани се и околу 65 бродови, 150 авиони и десет илјади возила.
Планот е вежбата да трае до 7 ноември а се одржува на подрачјето на централна и источна Норвешка, северниот дел на Атлантскиот Океан и во Балтичкото Море. Медиумите претходно објавија дека таа ќе претставува и голем логистички предизвик за државата домаќин која мора да обезбеди 1,8 милиони оброци и 4,6 милиони шишиња вода, како и да се справи со 660 тони валкан веш.
Покрај тоа, Норвешка за потребите на вежбата мора да стави на располагање големи подрачја земјоделско земјиште во земјата. Според локалните медиуми, врз основа на искуствата од претходните вежби норвешката армија воспоставила директна телефонска линија преку која земјоделците и другите ќе можат да пријават штета направена на земјоделското земјиште, во шуми или врз животни. Тие наведуваат дека пилињата на пример се чувствителни на бучавата од авионите кога летаат ниско. Норвешката армија распоредила ветеринари и други експерти да ги скенираат возилата кои доаѓаат на вежбата за да обезбедат да не донесат со себе инванзивни видови преку семе или земја на гумите.
Возачите во Норвешка и во соседна Шведска се предупредени на можноста од повремени застои поради воените конвои кои ќе се движат бавно.
Норвешкиот весник „Афтенпостен“ објави дека холандската армија „направила зачудувачка грешка“ во плановите пред вежбата затоа што наводно заборавила на временските услови во Норвешка и не купила зимска облека за околу илјада војници. Според информации на весникот, холандските војници поради тоа ќе добијат по илјада евра сами да си купат дополнителна топла облека во Норвешка.
Вежбата исто така ќе ги тестира способностите за преместување на опрема ширум Европа, што би било потребно во случај на одговор на вистинска закана. Се наведува дека Велика Британија, на пример, одлучила поголемиот дел од опремата и возила во Норвешка да ги донесе по копно преку Франција.
НАТО силите денеска почнуваат подготовки на терен, а главниот дел од вежбата ќе биде одржан од 31 октомври до 7 ноември. Сојузниците ќе бидат поделени во две групи – „јужни сили“ со бригади од Германија, Италија и Британија и „северни сили“ кои вклучуваат норвешки, канадски, шведски и американски војници. Во првиот дел од вежбата северните сили ќе ги нападнат јужните, а потоа обратно.
МИА