Полска уапсила руски државјанин под сомнение дека шпионирал, соопштија полските специјални служби, јави Би-Би-Си.
Мажот, кој е долгогодишен жител во Полска и е руски бизнисмен, бил уапсен минатата недела и му е одреден притвор затоа што наводно собирал информации за воената подготвеност и на полските и на НАТО-трупите стационирани во земјата.
Минатиот месец Полска протера 45 руски дипломати осомничени дека работеле за руските разузнавачки служби – што доведе до протерување на исто толку вработени во полската амбасада од страна на Москва.
Полска е најгласна во Европската унија во барањата за построги санкции против Русија поради нејзината инвазија врз Украина.
Во одделен случај, минатата недела во Полска беа уапсени двајца белоруски државјани осомничени дека шпионирале за нивната земја. Тие, наводно, биле вклучени во напорите за идентификување на стратешките одбранбени објекти во земјата. (МИА)