Шпанската влада свика втор итен состанок на експерти за семејно насилство за помалку од еден месец, по убиствата на шест жени и една млада девојка од почетокот на јануари.
Владата во Мадрид ја разгледува идејата да ги информира злоупотребените жени за тоа дали нивните партнери се осудени за кривични дела насилства, објави Гардијан.
Шпанскиот кризен штаб за решавање на проблемите поврзани со насилството последен пат се состана по убиствата на 11 жени во декември минатата година.
„Во јануари досега се убиени шест жени и едно осумгодишно девојче од сексистичко насилство.„Министерството свикува состанок на кризниот комитет во петок за детално да го анализира секој случај и да открие што тргнало наопаку, што би ја подобрило координацијата за да бидеме сигурни дека секогаш ќе стигнеме таму каде што треба да бидеме на време“, напиша вчера шпанската министерка за рамноправност Ирене Монтеро.
Владата минатиот месец ги повика судовите и обвинителите да ја засилат употребата на електронски нараквици за да ги заштитат жените чии поранешни партнери имале забрана за приближување.
„Сметаме дека е важно да се промовира употребата на електронски уреди, како што се нараквици кои ги предупредуваат жените за присуството на агресори“, рече министерката за правда Пилар Лоп на крајот на декември.
Таа додаде дека од 2009 година, кога се воведени овие нараквици, ниту една жена што ги носела не е убиена.
Сепак, опозициските партии ја обвинија владата дека не ги заштитила жените со воведувањето контроверзен закон со кој им се дозволува на некои осудени сексуални престапници да им бидат намалени казните по жалбена постапка.