недела, 19. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Во Украина се испитува дали Гадафи ја финансирал кампањата на Тимошенко

Во согласност со украинскиот закон, државните институции мора да го испитаат секое тврдење, ако побараат членовите на Парламентот. Покрената е и кривична постапка.
Во Украина се испитува дали Гадафи ја финансирал кампањата на Тимошенко

Украинските истражители ги испитуваат наводите дека поранешниот либиски лидер Моамер ел Гадафи донирал повеќе милиони евра за претседателската кампања на Јулија Тимошенко во 2010 година, изјави украинскиот пратеник Володимир Аријев.

Тој додаде дека и други пратеници побарале од Националното биро за борба против корупцијата да се испитаат наводите објавени во февруари во арапскиот весник „Ашарк ел Аусет“. Според весникот, претставник на Гадафи со приватен авион пристигнал во Киев и испорачал торба со четири милиони евра, како финансиска помош за кампањата на Тимошенко.

– Откако информацијата се појави во медиумите, тројца пратеници упатија барање до Бирото да се провери таквата информација, наведе Аријев, кој е член на владејачката партија Блок на Петро Порошенко „Солидарност“.

Во согласност со украинскиот закон, државните институции мора да го испитаат секое тврдење, ако побараат членовите на Парламентот. Покрената е и кривична постапка.

Од партија Татковина, на Тимошенко, соопштија дека информацијата не е точна и оти тоа е „глупост“.

Тимошенко двапати беше избрана за премиерка на Украина, а според најновите анкети, ако денес би се одржале претседателски избори, таа би освоила 18,7 проценти од гласовите, додека Порошенко – 15,6 отсто. Следните претседателски избори во Украина ќе се одржат во март 2019 година.

(Миа)