Министрите за здравство на ЕУ в четврток ќе одржат вонреден министерски состанок во Брисел за да се координираат околу кризата со коронавирусот и неговите последици за јавното здравје и економијата, јави диписничката на МИА од Брисел.
Коронавирусот однесе над илјада жртви во светот, а бројот на заразени расте и во земјите на Европската Унија.
Министрите за здравство на сите 27 земји членки се свикани на вонреден состанок во Брисел, на кој ќе се разговара, меѓу другото, дали треба да се воведе ограничување врз летовите од и кон Кина, репатријацијата на европските граѓани и одговорот на кризните центри.
Од 27 земји членки само Италија до сега одлучи целосно да ги суспендира летовите кон и од Кина, но според дискусиите на дипломатско ниво кои се одржаа вчера во Брисел, другите земји членки не планираат да му се придружат на Рим.
Министрите треба да се договорат за заеднички итни здравствени и хигиенски мерки на европска територија за да се спречи ширењето на овој вирус.
Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) порача дека е многу веројатно епидемијата да е поголема отколку што се мислеше, со оглед на тоа дека се детектирани заразени лица кои никогаш не патувале во Кина.
Претставник на СЗО ќе им се придружи на министрите на ЕУ в четврток.
Според официјалните податоци на земјите членки на ЕУ, до сега има 14 заразени лица во Германија, единаесет во Франција, тројца во Италија, четворица во Велика Британија, двајца во Шпанија и еден во Белгија, Финска и Шведска. Осумнаесет од овие случаи се увезени, останатите се заразени локално.т