Во својата прва е-пошта до вработените во Твитер, Илон Маск рече дека повеќе нема да дозволува работа од дома и дека очекува тие да поминуваат најмалку 40 часа неделно во канцеларија, пишува Bloomberg News.
Маск, мултимилијардерот кој ја презеде социјалната мрежа за 44 милијарди долари пред само две недели, отпушти половина од своите вработени и неколку директори и најави серија нови мерки како што е воведување такса од осум долари за сина ознака за верификација.
Маск им рекол на вработените дека сака Твитер да добива половина од приходите од претплати, според извештајот на Блумберг.
Кога Твитер повторно ги отвори своите канцеларии во март, на вработените им беше кажано дека сè уште можат да работат од дома ако сакаат.
Потегот на Маск ги отсликува неговите политики во другите компании, SpaceX и Tesla, каде што вработените исто така мора да поминуваат најмалку 40 часа неделно во канцеларија.