Вкупно 305 кандидати се номинирани за овогодинешната Нобелова награда за мир, што е најмал број во последните четири години. Од номинациите што требаше да се поднесат пред крајниот рок 1 февруари, 212 се поединци, а 93 се организации, соопшти Норвешкиот Нобелов комитет во Осло, јави ДПА.
Минатата година за престижната награда беа номинирани 343 поединци и организации.
„Осум години по ред бројот на кандидати надминува 300. Досегашниот рекорд од 376 кандидати е постигнат во 2016 година“, се вели во соопштението на Комитетот.
Добитникот на наградата ќе биде соопштен на почетокот на октомври. Наградата ќе биде доделена на 10 декември, на годишнината од смртта на пронаоѓачот на динамитот Алфред Нобел (1833-1896), кој ги воспоставил наградите.
Минатата година, активисти за човекови права од Белорусија, Русија и Украина ја поделија Нобеловата награда за мир.