петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Завршен дводневниот Самит на Арапската лига, потврдена поддршката за Палестинците

Завршен дводневниот Самит на Арапската лига, потврдена поддршката за Палестинците

Арапските лидери од дводневниот самит во Алжир ја потврдија својата „апсолутна поддршка” на Палестинците, во време кога се чини дека Бенјамин Нетанјаху ќе се врати на власт во Израел благодарение на сојузот со екстремната десница.

Поддршката беше изразена во завршната декларација на првиот арапски самит организиран откако неколку членки на 22-члената Арапска лига го скршија табуто и ги нормализираа односите со Израел.

Обединетите Арапски Емирати ги нормализираа односите со Израел во 2020 година како дел од серијата договори со посредство на Вашингтон. Следеа Бахреин, Мароко и Судан.

Палестинскиот претседател Махмуд Абас во својот говор побара зголемена арапска поддршка против Израел, кого го обвини дека систематски го поткопува решението за две држави и не се придржува кон потпишаните договори.

Во Алжирската декларација објавена на крајот од дводневниот самит, се нагласува важноста на палестинското прашање и се дава целосна поддршка за правото на Палестинците да имаат „независна и суверена држава” на териториите окупирани од Израел во 1967 година, со главен град источен Ерусалим.

Без експлицитно прозивање на државите од Арапската лига заради нивното проближување приближување со Израел, во завршната декларација се повторува посветеноста кон Арапскиот мировен план од 2002 година, што нормализацијата на односите со Израел ја условува со повлекување на еврејските трупи од окупираните арапски територии.

На самитот, исто така, беше изразена поддршка за напорите на палестинските власти да стане полноправна членка на ОН и да го гони Израел пред меѓународните судови за „воени злосторства и злосторства против човештвото извршени врз палестинскиот народ“.

Покрај израелско-палестинскиот конфликт, финалната декларација го потврдува отфрлањето на странското мешање во арапските работи во која било форма, со очигледна алузија на Иран и Турција.

Самитот ги поддржа и напорите за решавање на кризата во Либија, со меѓулибиско решение што ќе ги гарантира единството и суверенитетот на земјата.

Лидерите ја истакнаа потребата од колективна арапска улога во напорите за окончување на граѓанската војна во Сирија.

Како поддршка на Саудиска Арабија, тие ја поздравија балансираната политика на ОПЕК во гарантирањето на стабилноста на светските пазари.

Државите од „ОПЕК плус“ – 13 земји извознички на нафта предводени од Ријад и нивните десет партнери предводени од Русија, на 5 октомври одлучија да ги намалат квотите за производство на нафта. Таа одлука предизвика гнев кај американскиот претседател Џо Бајден, кој го обвини Ријад дека игра во корист на Русија, во финансирањето на руската војна против Украина.

Алжир го организираше 31-от самит на Арапската лига под мотото „собирање”, но неколку земји не беа претставени од нивните шефови на држави, меѓу кои Саудиска Арабија, Мароко и Емиратите.